Летната туристичка сезона во Хрватска полека добива на интензитет, но веќе сега се забележуваат значителни промени во однесувањето и структурата на туристите. Иако оптимизмот во туристичкиот сектор е присутен, на теренот се забележува друга реалност – пораст на цените, поголеми гужви на патиштата и границите, но и намалена потрошувачка, особено во угостителскиот сектор.
На социјалните мрежи, особено на Reddit, се појавија искрени реакции од локалното население кое живее од туризмот. Коментарите откриваат дека бројот на гости не е драматично намален, но дека тие значително помалку трошат. Според еден корисник, клучниот проблем лежи во тоа што „старата гарда“ богати туристи, особено Италијанци, веќе со години не доаѓа, додека новите гости, претежно од пониската економска класа, се фокусираат на евтини опции и кратки престои.
„Кафулињата едвај го држат прометот од лани, рестораните се во пад. Ако некој преживува – тоа се оние што се префрлиле на евтино мени: пици, помфрит и ќебапи. Гостите едноставно не сакаат или не можат да плаќаат за риба, шкампи или паšticada“, коментира еден Далматинец. Според него, проблемот е и во слабата услуга, замрзната храна, како и недостиг на квалитетен кадар во кујните и меѓу келнерите.
Цените на сместувањето, горивото и патарините растат, а структурата на престој е сè пократка. Во градовите доминира т.н. „транзит туризам“ од два до три дена, додека само ретко кој останува подолго. Отците се претежно окупирани од сопственици на викендици, а внатрешноста привлекува семејства кои доаѓаат на поедноставен одмор.
И покрај тоа што сонцето и морето и понатаму ќе привлекуваат посетители, локалците предупредуваат: доколку не се понудат нови содржини и не се направи стратегија за задржување на туристите, Хрватска би можела да загуби дел од реномето како елитна летна дестинација.