УТРО.мк

Трамп налутено го напушти Самитот на Г7 поради Макрон и Зеленски?

Трамп налутено го напушти Самитот на Г7 поради Макрон и Зеленски?
Vero

Американскиот претседател Доналд Трамп предвреме си замина од овонеделниот Самит на Г7, наводно поради раздор со францускиот претседател Емануел Макрон и недостиг на интерес за средба со украинскиот лидер Володимир Зеленски, објави Financial Times.

Според весникот, НАТО веќе го скратил претстојниот Самит на лидерите во Хаг на само една работна сесија за да се избегне евентуално повторување на ситуацијата со Трамп, кој ненадејно го напушти Самитот на Г7 што се одржа во Канада.

„Морам да се вратам порано од очигледни причини“, изјави Трамп при заминувањето.

Неименувани извори за Financial Times рекле дека заминувањето на Трамп било резултат на фрустрација поради Макрон, кој неодамна го посети Гренланд и се спротивставил на плановите на Трамп за преземање контрола над островот. Дополнително, американскиот претседател наводно не покажал интерес за директна средба со Зеленски.

По заминувањето на Трамп, Макрон изјави дека американскиот претседател се повлекол од самитот за да работи на прекин на огнот меѓу Израел и Иран. Но, Трамп остро реагираше на таа изјава.

„Францускиот претседател Емануел Макрон, кој постојано бара публицитет, погрешно тврди дека сум го напуштил Самитот на Г7 за да се вратам во Вашингтон и да работам на некаков прекин на огнот. Неточно! Тој нема поим зошто сум на пат кон Вашингтон, но сигурно не е поради тоа. Причината е многу поголема од тоа. Без разлика дали е намерно или не, Емануел секогаш греши“, напиша Трамп на социјалната мрежа Truth Social.

Останува нејасно кои се „поголемите причини“ на кои алудираше Трамп, но неговото предвремено заминување од високопрофилниот собир веќе предизвика нов дипломатски бран.

ELS
Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран