Бугарскиот европратеник Никола Минчев од коалицијата „Продолжуваме со промената – Демократска Бугарија“ се спротивстави на можноста Европскиот парламент (ЕП) во извештајот за напредокот на Македонија да го спомене македонскиот идентитет и јазик.
„Признавање на култура и на идентитет на која и да е држава не е работа на Европскиот парламент. ЕП е политички орган, а не историски или културен. Со вакво признавање ќе се отвори Пандорината кутија и други држави ќе почнат да бараат исто“, изјави Минчев за Бугарската телеграфска агенција (БТА).
Со оваа изјава, тој се придружи на групата бугарски европратеници кои изминативе денови остро го критикуваат македонскиот премиер Христијан Мицкоски, во контекст на одложувањето на гласањето за извештајот во Комисијата за надворешни работи на ЕП од 4 на 24 јуни. Гласањето во пленарната седница во Стразбур е закажано за јули.
Минчев, кој е дел од парламентарната група „Обнови ја Европа“, оцени дека изјавите на Мицкоски дека извештајот ги признава македонските идентитет и култура „се разминуваат со реалноста“.
„Би го повикал премиерот на Северна Македонија да го преосмисли своето поведение и однесување, како кон Бугарија, така и кон работата на Европскиот парламент“, порача тој, реагирајќи на очекувањето на Мицкоски дека бугарските европратеници ќе ги повлечат своите амандмани на извештајот.
Минчев отиде и чекор подалеку, споредувајќи го однесувањето на Мицкоски со тоа на српскиот претседател Александар Вучиќ и унгарскиот премиер Виктор Орбан.
„Оваа линија на влијание својата потпора ја наоѓа надвор од Европската унија, и тоа во Москва“, заклучи Минчев.