Ненадејна експлозија го потресе тест-центарот на SpaceX во вселенската база Старбејс (Starbase), Тексас, доцна во средата навечер, непосредно пред закажаното статичко палење на моторите на вселенското летало „Старшип 36“. Инцидентот се случил околу 23 часот по локално време, откако започнало полнењето со гориво и пред моторите воопшто да бидат активирани.
Пожарот, кој избувнал веднаш по експлозијата, сè уште траел два часа подоцна, а во живо се пренесуваше преку каналите на NASASpaceflight и LabPadre. На терен веднаш интервенирале противпожарни служби, вклучувајќи единици од Браунсвил, потврдија локалните медиуми. Според информациите од „Фокс 26 Хјустон“, за среќа, нема извештаи за повредени.
Од SpaceX информираа дека за време на операцијата била воспоставена безбедносна зона и дека сите членови на персоналот се безбедни и евидентирани. Компанијата апелираше до јавноста да не се приближува до областа додека траат безбедносните проверки.
Ова не е прв инцидент од ваков тип – Starship има историја на експлозии за време на тестирања. Последниот неуспех повторно ги отвора прашањата за сигурноста и стабилноста на системот, иако SpaceX продолжува со развојот на новите верзии. Тестот требаше да го користи моделот Starship V2, кој Илон Маск го најави уште во 2023 година како подобрена верзија со поголем капацитет и оптимизирана конструкција. Во развој е и новиот V3, чија цел е да овозможи неделни лансирања до крајот на годината.