Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски денеска информира дека Градот Скопје изготвил вкупно 1.032 решенија за данок на имот, данок на промет, наследство и подарок, како и решенија за комунална такса за фирмарина.
„Ова е јасен показател дека институциите работат со динамика која им доликува на граѓаните“, изјави Ѓорѓиевски. Тој посочи дека станува збор за предмети од сите правни основи, кои отсега ќе се изработуваат со забрзано и уредно темпо, а готовите решенија ќе бидат дистрибуирани до даночните обврзници во најкраток можен рок.
„Од овој момент, ниту едно решение без правен спор нема да заглавува во административни лавиринти. Го враќаме редот, одговорноста и навременото постапување“, додаде градоначалникот.
Ѓорѓиевски истакна дека граѓаните мора да ги добиваат услугите тогаш кога им се потребни, што е принцип од кој нема отстапување, како што било ветено во изборната програма.
„Правиме сериозни напори за зголемување на приходите на Градот, со цел навремено подмирување на обврските во интерес на сите граѓани. Апелираме до сите физички и правни лица да ги исполнуваат своите обврски кон Град Скопје навремено и одговорно. Време е сите да дадеме свој придонес. Заедно, да го придвижиме Скопје напред“, заклучи Орце Ѓорѓиевски.























