Деновиве, кога повеќе земји од регионот се загрозени од страшни поплави, македонските граѓани се потсетуваат на големите поплави од минатото што ги погодиле градовите во Македонија, како што е случајот со скопската поплава од 1962 година. Фотографот Драги Неделчевски на својот фејсбук профил објави фотографии од најголемата поплава која се случила во Тетово.

Станува збор за поплавата од ноември 1979 година кога се излева реката Пена, уништувајќи голем број објекти во Горна Чаршија. Заради овозможување нормален проток на водата, со динамит е урнат стариот турски камен мост од XVI век пред тетовскиот архив (сега гимназија), познат како Мост на кавазите. Подоцна на истото место е изграден пешачки мост со метална конструкција.

„Кога се случи поплавата, во ноември 1979 година, имаше поминато само една година како почнав да фотографирам. И одеднаш, пред мојот објектив – голем настан. Се замислував дека сум некој фотограф од Магнум. Тоа беа денови… Останаа само овие фотографии. Практика ЛБ2 Домиплан 50 мм 1:2,8, ЕФКЕ КБ 21 филм и ФР3 развивач. Хартија Емакс сјај, сушена на воздух“, коментира Драги Неделчевски на својот Фејсбук профил.
























