Руски разузнавачки брод навлегол во британски територијални води и упатувал ласерски зраци кон пилоти на Кралските воздухопловни сили, објави The Guardian, повикувајќи се на потврда од британското Министерство за одбрана. Инцидентот се случил оваа недела и веднаш отворил ново поглавје на дипломатски тензии меѓу Лондон и Москва.
Според информациите, руското пловило изведувало „провокативни и опасни маневри“, при што со ласерски зраци ги насочувало воените авиони кои извршувале рутински летови во регионот. Ваквото дејствие може да предизвика заслепување на пилотите и претставува сериозен ризик по безбедноста на екипажот и воздушниот сообраќај.
Британското Министерство за одбрана го оцени однесувањето на рускиот брод како „недговорно и неприфатливо“ и најави дека случајот ќе биде разгледан на меѓународно ниво.
Од Москва засега нема официјална реакција.
Британските власти порачуваат дека ќе го засилат надзорот врз движењето на руските воени и разузнавачки пловила околу Обединетото Кралство, имајќи ги предвид растечките тензии меѓу Русија и НАТО.























