Руски ноќен напад врз Украина предизвика голема трагедија во Тернопол, каде што беа уништени горните катови на станбена зграда, оставајќи зад себе пламен, урнатини и густ црн чад. Според украинските власти, во нападот загинале 10 лица, а уште 40 се повредени, меѓу кои и 12 деца.
Нападите биле насочени кон енергетската и транспортната инфраструктура, поради што повеќе региони останале без електрична енергија на ниски температури. Русија, според Киев, лансирала над 470 дронови и 48 ракети само во текот на ноќта.
Поради ризикот од ескалација, Полска привремено ги затвори аеродромите Жешов и Лублин, а полските и сојузничките сили подигнале борбени авиони како мерка на претпазливост и заштита на воздушниот простор на НАТО.
Министерот за внатрешни работи на Украина, Игор Клименко, изјави дека сите жртви се од Тернопол, а спасувачките екипи стравуваат дека под урнатините сè уште може да има заробени луѓе.
Претседателот Володимир Зеленски побара засилен притисок врз Русија и дополнителни противвоздушни системи за Украина. „Секој напад врз обичниот живот покажува дека притисокот врз Русија е недоволен. Ефективни санкции и поголема помош за Украина можат да го сменат тоа“, порача тој на платформата „X“.
Енергетските служби соопштија дека инфраструктурата била погодена во седум региони, а во Лвов очевидци пријавиле силни експлозии. Штетите сè уште се проценуваат, но низ целата земја се воведени ограничувања во снабдувањето со електрична енергија.























