Кафеавата мечка (Ursus arctos) е еден од најзначајните и најредките видови на Шар Планина. Овој сештојад цицач се храни со растенија, плодови, инсекти, но и со помали и поголеми животни, а како строго заштитен вид има клучна улога во одржувањето на природната рамнотежа на планината и пошироко на Балканот.
На видеото што е споделено, планинари на високопланинските пасишта на Шара наидуваат на мечка со два младенчиња, родени во јануари–февруари 2025 година. Мечињата во следните две години ќе учат од мајката како да преживуваат и да се приспособуваат. Во видеото тие се љубопитни, но се оддалечуваат – однесување типично за овој вид.
Мечките во зимскиот период не спијат целосен зимски сон, туку се наоѓаат во длабока состојба на мир. Ако се вознемират или ако времето е потопло од вообичаено, можат да се разбудат и да го напуштат леглото.
Годинава жителите на шарпланинските села почесто пријавувале средби со мечки. Причини за тоа се достапната храна околу дивите депонии, како и вознемирувањето од моторни возила во внатрешноста на планината, што ги тера мечките да се движат поблиску до населените места.
Како да избегнете средба?
– Говорете погласно, правете шум или пејте додека се движите.
– Избегнувајте густи грмушки.
– Не оставајте храна ниту отпад во природата.
Ако видите мечка?
– Застанете и останете смирени.
– Со смирен и јасен говор ставете ѝ до знаење дека сте човек.
– Не трчајте! Тоа може да предизвика реакција на потера.
– Оддалечете се полека, без нагли движења.
– Исправете се, кренете ги рацете и обидете се да изгледате поголеми.
– Користете спреј за мечки само ако се приближува премногу.
Ако видите младенче?
Секогаш има мајка во близина – повлечете се полека и тивко.
Ако мечката се исправи?
Тоа не е знак за напад – само се обидува подобро да ве види или намириса.
Во случај на напад
Легнете на земја, покријте го вратот со рацете и останете неподвижни додека мечката не се оддалечи.
Корисна опрема
– Спреј за мечки (ефективен до околу 8 метри)
– Ѕвонче за мечки како предупредување
Видеото е важен потсетник дека кафеавата мечка е редок и строго заштитен вид на Шар Планина. Нејзиниот опстанок зависи од нашиот однос – да ја почитуваме, да ѝ оставаме простор и да придонесуваме за сигурноста на природата и на луѓето.
Шар Планина е дом што треба заеднички да го чуваме.























