
Градоначалникот на Општина Прилеп, Дејан Проданоски, го посети археолошкиот комплекс „Старо Бонче“, каде во изминатите десетина дена интензивно се реализираат систематски археолошки истражувања.

Проданоски се запознал со текот на истражувањата и досегашните наоди на археолошкиот тим од Катедрата за археологија при Филозофскиот факултет, предводен од проф. д-р Антонио Јакимовски, во соработка со Заводот и музеј – Прилеп и археолозите Душко Темелкоски и Оливера Јандреска.

Особено внимание во рамки на истражувањата е посветено на едно од фронталните паноа, каде се откриваат остатоци од погребувања кои датираат од средновековниот период, односно од XI и XII век.

Според досегашните сознанија, овие наоди се значајни бидејќи укажуваат дека локалитетот имал култен карактер и бил место на почитување од страна на жителите на населбата и во средновековниот период.
„Старо Бонче“ претставува локалитет со исклучително археолошко, историско и културно значење. На локалитетот се наоѓа и таканаречената Кралска гробница, која со своите димензии, архитектонски елементи и положба на падините на Селечка Планина сведочи за богатото наследство на овој простор.
Се претпоставува дека во гробницата бил погребан пелагониски владетел од IV век пред нашата ера.
Проданоски истакна дека Општина Прилеп ќе продолжи да ги поддржува археолошките истражувања, заштитата и афирмацијата на културното наследство.
Во таа насока, во програмата на Општината е предвидена изработка на проект за изградба на локалниот пат с. Бонче – с. Старо Бонче – с. Подмол, како и рехабилитација на пристапниот пат и пристапот до кралската гробница.
Дополнително, Општина Прилеп ќе даде поддршка на Заводот и музеј – Прилеп во понатамошната постапка за изработка на основен проект за конзервација, реставрација и делумна реконструкција на културното добро, со цел негова непосредна заштита и ставање во функција на културната понуда на градот.
„Старо Бонче“ во иднина треба да биде еден од приоритетите во процесот на афирмација на значајните археолошки локалитети и културното наследство на Прилеп, посочува Проданоски.
„Само ако го познаваме и чуваме минатото, можеме со гордост да ја градиме иднината“, порача градоначалникот.

















