
Македонскиот пијанист со светска кариера, Симон Трпчески, со серија успешни настапи во Токио одбележа 20 години од своето деби во Јапонија.
Трпчески на 3, 4 и 5 септември настапи на престижни концертни сцени во јапонската престолнина, повторно со Токискиот Метрополитен симфониски оркестар, предводен од маестро Казуши Оно.
На распродадените концерти во Токио Метрополитен театарот и Сантори салата, македонскиот пијанист го изведе „Концертот бр. 3“ од Сергеј Рахмањинов. Изведбата беше проследена со громогласни овации, а публиката го награди Трпчески и со два биса.
Особено впечатлив беше неговиот рецитал во салата „Јамаха“, каде што изведе дела од Чајковски, Бетовен, Равел и Прокофјев. Воодушевената публика дури петпати го враќаше на сцената за бис.
Како знак на благодарност кон јапонската публика, Трпчески изведе и обработки на познати јапонски песни, како и композицијата „Не си го продавај Кољо чифликот“ од Димитрије Бужаровски.
Тој ја посвети оваа изведба на сите жртви од земјотресите, потсетувајќи на историската помош што Јапонија му ја дала на Скопје и на долгогодишното македонско-јапонско пријателство.
По успешните настапи во Јапонија, како и концертите во Европа и во Охрид и Битола, Трпчески продолжува со нови ангажмани. Следна дестинација е Загреб, каде што на својот роденден ќе ја отвори новата сезона на Загрепската филхармонија.
Таму ќе го изведе „Концертот бр. 1“ од Рахмањинов, под диригентската палка на полскиот маестро Давид Рунц.

















