Берово, 2 август 2025 – Полициски службеници од СВР Штип – ОВР Берово и Регионалниот центар за гранични работи Исток во изминатите денови активно учествуваа во гаснењето на големиот шумски пожар што го зафати подрачјето на планината Готен и делови од Малешевските планини.
Благодарение на нивната навремена и пожртвувана интервенција, беа спасени две лица чии животи биле сериозно загрозени од огнената стихија. Двете лица биле пронајдени во бесознание, по што веднаш им била укажана прва помош на самото место, а потоа пренесени во здравствена установа на понатамошно лекување.
Полицијата, покрај безбедносните задачи, уште еднаш покажа високо ниво на подготвеност, хуманост и професионализам, вклучувајќи се активно во заштитата на граѓаните и природата. Интервенцијата доаѓа во време кога регионот се соочува со зголемен број пожари поради екстремно високите температури и сушниот период.