Трново, 2 август 2025 – Во потпелистерското село Трново, по повод Илинден, се одржа 54. Семакедонска средба, на која традиционално се собираат Македонци од целиот свет. Настанот беше организиран од Матицата на иселениците од Македонија, Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија – Битола, Сојузот на здруженијата на Македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија МАКЕДОН и Светскиот Македонски Конгрес.

На присутните им се обрати градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, кој ја истакна силната поврзаност меѓу родниот крај и македонската дијаспора.

„Нема подобро од родниот крај кој ви подава рака за враќање. Заедно да ја градиме иднината со подобри услови за живот и работа во нашиот град“, рече Коњановски.

Тој најави континуирана поддршка од страна на општината за негување на културните врски и реализација на заеднички проекти со иселениците, но и унапредување на меѓународната и меѓуграничната соработка со соседните земји.

Семакедонската средба беше збогатена со богата културно-уметничка програма, во духот на македонското наследство и традиција. Од 2014 година, со обединувањето на дотогаш одвоените иселенички и погранични средби, Битола ја носи титулата домаќин на ова значајно обединување на Македонците од сите меридијани.