УТРО.мк

Германска потрошувачка организација поднесе тужби против нискобуџетни авиокомпании поради нелегални такси за рачен багаж

Германска потрошувачка организација поднесе тужби против нискобуџетни авиокомпании поради нелегални такси за рачен багаж
Vero

Берлин, 2 август 2025 – Германскиот Сојуз на канцеларии за заштита на потрошувачите (VZBV) поднесе тужби против неколку нискобуџетни авиокомпании, меѓу кои Ryanair, EasyJet, Wizz Air и Vueling, поради, како што наведуваат, незаконски наплати за рачен багаж. Тужбите следуваат по повеќегодишни поплаки од патници за скриени трошоци при купување авионски билети.

„Овие компании ги мамат потрошувачите со ниски цени кои не ја вклучуваат стандардната рачна багажна торба. Тоа е манипулативно и спротивно на законите“, изјави претседателката на VZBV, Рамона Поп, за германскиот весник Neue Osnabrücker Zeitung.

Според Поп, авиокомпаниите се должни да овозможат бесплатен пренос на стандардна рачна торба. Наместо тоа, во цената често е вклучен само мал несесер или женска чанта, додека за поголем, но сè уште разумен багаж, се наплатува дополнително.

Таа нагласи дека ограничувањата за димензиите и тежината што ги применуваат многу авиопревозници не се во согласност со законодавството на Европската унија.

Како прв чекор, VZBV испрати официјални предупредувања до неколку компании, по што следуваа и конкретни тужби. „Според нашата проценка, овие такси се недозволиви и го доведуваат во заблуда потрошувачот за реалната цена на летот“, рече Поп.

Организацијата повика ЕУ да воспостави јасни правила и стандарди за бесплатна рачна багажна торба. Тужбите се дел од поширока европска кампања за заштита на правата на патниците.

VZBV се повикува на пресуда на Судот на Европската унија од 2014 година, според која рачниот багаж претставува неразделен дел од авионскиот превоз и не смее да се третира како дополнителен, платлив сервис, доколку ги исполнува разумните услови за големина, тежина и безбедност.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран