Пекинг, 2 август 2025 – Кина го претстави новиот маглев-воз со кој патувањето од Пекинг до Шангај, во должина од околу 1.200 километри, ќе трае само два и пол часа. Возот е развиен од China Railway Rolling Stock Corporation (CRRC) и беше прикажан на 17. меѓународен саем за модерни железнички системи во Пекинг, јавува South China Morning Post.
Овој футуристички модел, кој може да достигне брзина до 600 километри на час, ќе биде најбрзото копнено возило во Кина, а најверојатно и во светот. За споредба, со стандардните кинески брзи возови истата рута се поминува за околу пет и пол часа.
Главниот инженер на CRRC, Шао Нан, изјави дека новиот модел ќе пополни празнината меѓу брзите железници и авионскиот превоз на релации до 2.000 километри, нудејќи брзина, сигурност и високо ниво на автоматизација.
Возот користи технологија на суперспроводлива магнетна левитација, која овозможува движење без контакт со шините, со што се намалуваат триењето и абењето. Системот се активира при брзина од 150 км/ч, додека дотогаш возот се движи со гумени тркала.
Опремен е и со целосно автоматизиран систем за возење, кој вклучува 5G комуникација, вештачка интелигенција, акустични сензори и други напредни технологии за следење на пругата.
Првата маглев линија во Кина беше пуштена во употреба уште во 2003 година во Шангај, а домашните линии во Чангша и Пекинг следуваа во 2016 и 2017 година, но беа ограничени на брзини до 120 км/ч.
Кина денес располага со најголема мрежа на брзи железници во светот, со речиси 48.000 километри пруга до крајот на 2024 година, а целта е да надмине 50.000 километри до крајот на оваа година.