Битола, 2 август 2025 – Општина Битола со достоинство и благодарност го одбележа големиот државен празник Илинден. Градоначалникот Тони Коњановски, заедно со делегација од Советот на општината, претставници на Сојузот на борци и политичките партии, положија свежо цвеќе пред споменикот на двата Илиндена кај Центарот за култура и пред Споменикот на илинденците во храмот „Света Недела“.

Со овој свечен чин, Битола оддаде почит на сите кои со својата жртва ја извојуваа слободата и го трасираа патот на македонската државност.
Во својата празнична честитка, градоначалникот Коњановски ги потсети граѓаните на значењето на двата Илиндена – Илинденското востание од 1903 година и Првото заседание на АСНОМ од 1944 година – како темели на борбата за слобода, еднаквост и државност.

„Денес го славиме Илинден – симбол на заедништво, храброст и истрајност. Од Крушевската република до независна Македонија, ја чуваме заветната мисла на нашите херои: државата се гради со љубов, посветеност и борба за заедничка иднина“, истакна Коњановски.

Тој додаде дека општествената обврска на сите генерации е да ги преточат илинденските идеали во конкретни дела преку почит, разбирање и единство.
„Нека ни е честит Илинден! Нека ни е вечна Република Македонија!“, порача градоначалникот на Битола.