Шокантен инцидент се случи на аеродромот Ел Прат во Барселона, каде што десетгодишно момче било оставено само од своите родители поради истечен пасош. Наместо да се откажат од летот, родителите продолжиле со патувањето со нивното второ дете, оставајќи го синот сам во терминалот.
Како што објави Fox News, вработена во контролата на летање по име Лилијан објавила видео на TikTok во кое го опишува случајот. Таа изјавила дека момчето патувало со шпански пасош, но дека за земјата во која патувале била потребна виза – која семејството не ја обезбедило.
„Кога дознаа дека не може да лета, родителите едноставно го оставија детето и се качија во авионот. Повикаа некој роднина да дојде по него“, изјавила Лилијан.
Аеродромските служби веднаш ја алармирале полицијата кога забележале дека момчето е само. Детето изјавило дека неговите родители се на пат кон нивната татковина, каде што требале да одат на одмор.
Родителите се обиделе да го оправдаат потегот со тврдење дека не сакале да ги изгубат авионските билети. Но, шпанската полиција реагирала навремено и го спречила авионот да полета. Родителите и второто дете биле симнати од леталото и однесени во полициска станица на распит.
Инцидентот предизвика лавина реакции на социјалните мрежи, а јавноста остро го осуди неодговорното однесување на родителите.