УТРО.мк

Град забранува гориво за возила постари од 15 години

Град забранува гориво за возила постари од 15 години
Vero

Од 31 март 2025 година, на сите бензински пумпи во индиската престолнина Њу Делхи ќе биде забрането точење гориво за автомобили со мотори со внатрешно согорување постари од 15 години, објави Indian Express. Ова е дел од строгите мерки за борба против сериозното загадување на воздухот во еден од најзагадените градови во светот.

Владата на Делхи воведува високотехнолошки надзор – сите пумпи ќе бидат опремени со камери и системи со вештачка интелигенција кои автоматски ќе ги идентификуваат возилата што не смеат да добијат гориво. Според проценките, оваа забрана ќе опфати околу 100.000 регистрирани возила.

Мерката е само дел од поширока стратегија за подобрување на квалитетот на воздухот. До крајот на 2026 година, Делхи планира да замени 90% од постојниот автобуски возен парк – кој главно работи на компримиран природен гас – со 8.000 нови електрични автобуси. Дополнително, ќе се засадуваат нови шуми во слободните градски зони, а високите згради, хотелите и деловните објекти ќе мора задолжително да користат водени топови против смог за да ги намалат штетните честички во воздухот.

Иако бензинските автомобили постари од 15 години и дизел возилата постари од 10 години се формално забранети во Делхи веќе неколку години, претходната власт предводена од левичарската партија Аам Аадми (ААП) не ги спроведе мерките до крај. Новата локална власт, контролирана од хинду националистичката партија БЈП, која управува и со државата Индија, вети поагресивен пристап во справувањето со загадувањето.

Со новиот систем на контрола преку вештачка интелигенција, градот се надева дека конечно ќе ја реализира забраната која досега важеше само на хартија.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран