По изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп дека наредил две нуклеарни подморници да се доближат до руските води, следуваше брза и остра реакција од Москва. Рускиот функционер Виктор Водолацки изјави за државната агенција Тасс дека „во светските океани има значително повеќе руски нуклеарни подморници отколку американски, и тие се опремени со најмоќно оружје“.
Водолацки, кој е прв заменик-претседател на Комитетот на Државната дума за односи со поранешните советски држави, истакна дека бродовите на САД се под постојан мониторинг и оти Русија не гледа потреба од посебен одговор на, како што рече, „непостојаната реторика на Трамп“.
„Совршено добро разбираме кој е Доналд Трамп. Последните месеци покажаа дека тој се предомислува 24 часа на ден“, изјави Водолацки.
Изјавата доаѓа во време на засилени тензии меѓу Вашингтон и Москва. Според АФП, јули 2025 е месецот со најголем број руски напади со дронови врз Украина од почетокот на инвазијата во 2022 година. Русија возврати на американските закани со став дека САД „немаат капацитет ниту да уценуваат ниту да ѝ се закануваат на Русија“.
Покрај воено-безбедносниот конфликт, се отвори и нов економски фронт откако Трамп објави дека од 1 август воведува царини од 25% за индискиот извоз во САД, обвинувајќи ја Индија за блиски односи со Москва и „највисоки царински бариери во светот“.
„Мене не ме интересира што прави Индија со Русија. Тие можат заедно да си ги уништат своите мртви економии“, напиша Трамп на социјалните мрежи, додавајќи саркастична порака до Дмитриј Медведев: „Кажете му на Медведев, неуспешниот поранешен претседател, да внимава што зборува. Влегува во многу опасна територија“.
Медведев не остана должен – му се потсмеваше на Трамп и индиректно се закани со нуклеарна одмазда, во негов стил на заканувачка и иронична реторика кој стана препознатлив во изминатите години.
Тензиите продолжуваат да ескалираат на повеќе фронтови – од воени демонстрации на сила до економски притисоци и лични навреди, што го зголемува ризикот од понатамошна дестабилизација.