Владата ќе ги назначи поверениците во општините каде што не беа избрани градоначалници на локалните избори, но дури откако Државната изборна комисија официјално ќе ги заврши изборите и ќе ја информира Владата. Ова го изјави премиерот Христијан Мицкоски, нагласувајќи дека засега не се разговарало за конкретни персонални решенија.
„Најпрво ДИК треба официјално да ги затвори изборите и да го извести Владата. Тоа го очекуваме следната недела. Потоа Владата има рок од 15 дена да постапи по известувањето, а по тоа ДИК го известува Собранието, кое треба да распише нови избори во рок од 60 дена. За повторените избори нема да важи условот за излезност“, изјави Мицкоски при увид во градежни работи за проектот „Градски воз“.
Тој додаде дека веднаш по добивањето на известувањето ќе се одржат консултации со коалициските партнери за да се утврдат имињата на поверениците што ќе ги раководат општините до распишувањето на новите избори.
Повторни избори ќе има во Гостивар, Маврово и Ростуша, Центар Жупа и Врапчиште, каде не беше исполнет законскиот цензус за излезност од една третина од вкупниот број запишани гласачи.























