Судскиот процес за случајот со родилката Јилдз Веапоска од Дебар повторно беше одложен денеска во Основниот суд во Струга, поради оправдано отсуство на бранителот на првообвинетиот лекар. На ова рочиште требаше да биде презентиран извештајот од супервештачењето.
На претходното рочиште, бранителот бараше изземање на судечкиот судија и претседателите на судовите во Струга и Битола, по што предметот беше разгледуван во Врховниот суд и вратен назад во Струга. Но, и ова закажано рочиште не се одржа, бидејќи адвокатот доставил доказ дека присуствува на притворски предмет во Основниот суд во Битола.
Судечкиот судија Јордан Јованов истакна дека нема основ за присилни мерки, бидејќи отсуството е оправдано, но предупреди дека предметот е во ризик да застари.
„Овој случај е итен исто како и сите други. Затоа, доколку има ново одлагање, рочиштата ќе се закажуваат секој нареден работен ден. Нема повеќе паузи од недели и месеци,“ рече Јованов.
Адвокатот на оштетената, Сашо Јанев, оцени дека ваквите одлагања се обид да се доведе случајот до застарување.
„Ова не е редовна одбрана, туку начин да се избегне одговорност. Се надеваме дека судот нема да дозволи делото да застари,“ изјави тој.
Јилдз Веапоска најави дека доколку процесот продолжи да се одложува, ќе организира дневни протести пред Судот во Струга.
„Пет години талкам по институциите. Ако и овој месец нема поместување, ќе протестирам секој ден од 8 до 16 часот. Ова е борба за правда,“ истакна Веапоска.
Случајот се однесува на породување со царски рез во болницата во Струга, по кое на Веапоска ѝ биле отстранети три органи – бубрег, матка и јајник. Обвинети се тројца лекари: гинекологот Мухамед Асани, неговиот син Блертон Асани и доктор Лилјана Јованоска.
Делото застапува ризик да застари во август 2026 година.























