Основниот кривичен суд Скопје денеска донесе одлука за мерки на претпазливост против петмината осомничени во случајот со давање и примање поткуп поврзан со ИПАРД-проектите.
Четворица од осомничените, меѓу кои и актуелниот директор на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, добија мерка притвор од 30 дена поради опасност од бегство, можност за влијание врз сведоци и ризик од повторување на делото. За петтата осомничена, со иницијали Ј.К., судот го прифати променетиот предлог на јавниот обвинител и ѝ определи куќен притвор.
Сите петмина беа приведени вчера за време на претреси на повеќе локации низ државата, спроведени од Истражниот центар на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) и единиците на МВР.
Според обвинението, првоосомничениот Џ.Н. (77) како управител на правно лице, од февруари до вчера, во повеќе наврати, директно и преку посредници ветувал парични средства на директорот на Агенцијата за финансиска поддршка за да се изврши службено дејствие спротивно на законот. Остатокот од осомничените, меѓу кои е даночен референт и државен службеник, ги искористиле своите позиции за да поттикнат незаконско службено дејствие.
И покрај тоа што фирмата на првоосомничениот не ги исполнувала условите од Јавниот повик бр. 01/24 за ИПАРД-мера 3, директорот по примено ветување за подарок од 50.000 евра потпишал договор за користење финансиски средства, а при претрес биле одземени и дел од паричните средства во износ од 400 евра.
Судските решенија може да се оспорат преку жалба пред Кривичниот совет при Основниот кривичен суд Скопје.























