Полицијата поднесе кривична пријава против 40-годишна жена од Радовиш, со живеалиште во Скопје, осомничена дека испратила лажна дојава за бомба во основно училиште во градот. Настанот се случил на 29 октомври, во раните утрински часови.
Според истрагата, осомничената преку новоотворена електронска адреса на „Гугл“ и користејќи сопствен мобилен телефон испратила заканувачка порака на службениот мејл на училиштето, во која тврдела дека во зградата има поставено експлозивна направа.
Пораката предизвикала сериозна паника. Училиштето било веднаш евакуирано, а тимови за антитерористичка проверка извршиле детална претрага. По извршените проверки, било утврдено дека експлозивна направа не постои.
Истражителите преку следење на електронски траги и IP адреси го откриле изворот на пораката и ја идентификувале осомничената. По прибирање на доказите, Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал и Секторот за компјутерски криминал до скопското обвинителство поднеле пријава за кривично дело „лажно пријавување на кривично дело“.























