Во Општина Прилеп денес беше презентиран уште еден реализиран проект во насока на подобрување на образовната инфраструктура. Во ООУ „Добре Јованоски“ целосно е реконструиран дотраениот помошен објект во задниот двор на училиштето, кој сега претставува современ и функционален простор за потребите на наставниот процес.
Со реконструкцијата, вредна 2.500.000 денари, финансирана од буџетот на Општината, поставена е целосно нова дограма, обновена е фасадата, адаптирани се простории за хаусмајстор и магацин за учебници, а уреден е и нов кабинет по ликовно образование опремен со смарт табла.
Паралелно со ова, извршена е реконструкција и адаптација и во помошното училиште „Лазо Филипоски Лавски“, каде една од просториите е пренаменета во мала фискултурна сала со татами подлога. Со ова, учениците по повеќе од три децении добиваат соодветен простор за одржување на часовите по физичко воспитание. Вредноста на овој зафат е 744.000 денари.
Градоначалникот на Прилеп, Дејан Проданоски, упати благодарност до менаџментот и директорката на училиштето за, како што истакна, посветената и конструктивна соработка во процесот на реализација на проектите.
Тој нагласи дека грижата за воспитно-образовниот процес и за најмладите останува еден од клучните приоритети на општината, со најави за продолжување на инвестициите во оваа област.























