Во дебатата на Телевизија 24, кандидатот за градоначалник на Битола од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Тони Коњановски, истакна дека локалната самоуправа заедно со советниците кои се против бетонизацијата постигнала значителни резултати.
„Ако со нешто може да се пофалиме, тоа е што заедно со советниците спречивме непланска бетонизација и го регулиравме тоа што го затекнавме на дело. Во Битола имаше 17.800 предмети за легализација на дивоградби, а од оваа локална самоуправа се решени над 4.000. Дел се позитивно решение, дел негативно, додека претходно биле решени само 700“, рече Коњановски.
Тој нагласи дека во делот на инспекторатот, по утврдени прекршоци во работењето, раководителот на општинскиот инспекторат бил суспендиран од работа.
„Стопирани се обиди за бетонизација и одземени се дозволи за градење. Од можни 5.000 гаражи и времените објекти, отстранети се 1.400, каде што ќе се создадат зелени површини и паркинг простори. Исто така, срушени се 10 дивоградби“, додаде Коњановски.
Со овие мерки, како што истакна кандидатот, Битола добива повеќе простор за зелени површини и подобро уредена урбана средина.