
Градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, денеска оствари средба со претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, придружуван од претседателот на Регионалната стопанска комора, Мирко Велковски, како и членови на Управниот одбор на Регионалната комора во Битола.
На средбата се разговараше за активности што треба да се преземат на локално ниво со цел поттикнување на економскиот развој во битолскиот регион. Како клучни приоритети беа посочени патната и гасната инфраструктура, кои се од особено значење за бизнис заедницата и за поврзаноста со Коридорот 10.
Посебен акцент беше ставен на потребата од подобрување на патната и железничката инфраструктура, при што беа издвоени проектите за изградба на автопатот Прилеп – Битола во должина од 40 километри, како и обиколницата Битола – Меџитлија во должина од 19 километри.
На средбата се отвори и прашањето за недостигот на кадар, што претставува еден од најголемите предизвици за бизнисите во регионот. Оваа тема, како што беше истакнато, е во постојан фокус на бизнис заедницата, која иницира активности за нејзино надминување.
Коњановски посочи дека битолскиот регион има околу 5.000 правни субјекти и учествува со 9 до 10 проценти во бруто домашниот производ на државата, што ја потврдува неговата значајна улога во националната економија.























