
Прилеп во моментов поминува низ засилен инвестициски циклус, со повеќе паралелни инфраструктурни проекти кои треба да донесат подобри услови за живот, побезбеден сообраќај и уреден јавен простор. Ова беше пораката што ја сподели градоначалникот на Прилеп, Дејан Проданоски, преку видео објава, прикажувајќи ја тековната динамика на градежните активности во градот.
Еден од клучните приоритети е санирањето на ударните дупки и тековното одржување на улиците. Целта, како што беше истакнато, е да се обезбеди континуирано одржување на сообраќајниците во текот на целата година, наместо повремени интервенции.
Паралелно, веќе се видливи резултатите од уредувањето на улицата „Кеј 1-ви Мај“, каде што е изграден нов тротоар, поставено е модерно осветлување и нова урбана опрема, што, според општината, наишло на позитивни реакции кај граѓаните.
Во централното градско подрачје, партерното уредување на плоштадот „Методија Андонов-Ченто“ влегува во завршна фаза. По завршувањето на подземните инфраструктурни зафати и реконструкцијата на каналот на Давничка река, активностите се насочени кон уредување на површина од 2.100 квадратни метри. Со ова се очекува подобрување на изгледот на центарот, олеснување на движењето на пешаците и поттикнување на економската активност.
Градоначалникот истакна дека интензивно се работи на кружниот тек на мостот Табана, капитален проект кој би значел растеретување на сообраќајот за Прилепчани.
„Се гради и градот не е во застој. Со почетокот на градежната сезона очекуваме дополнително засилување на активностите“, истакна Проданоски.
Доколку временските услови дозволат, од општината очекуваат централното градско подрачје да добие нов, современ изглед во наредните месеци.























