
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, информираше дека Министерството отвора нов јавен повик за доделување ваучери за инвертер клими за 2026 година, наменет за поддршка на ранливите категории граѓани и намалување на нивните трошоци за енергија.
Како што посочи Божиновска, оваа година за првпат аплицирањето ќе се одвива целосно електронски, преку официјалната веб-страница на Министерството www.aplikanti.energy.gov.mk , со што се елиминираат редиците и се поедноставува постапката.
„Аплицирањето е брзо, едноставно и достапно за сите граѓани кои ги исполнуваат условите. Со оваа мерка правиме значаен чекор кон дигитализација и поголема ефикасност во услугите“, истакна Божиновска.
Ваучерите се наменети за домаќинства со лица со попреченост, како и за семејства со деца со попреченост до 26 години, согласно јасно утврдени критериуми. Со нив се субвенционира набавката и вградувањето на инвертер клими со моќност од 3,5 kW и минимум енергетска класа А+, што овозможува поефикасно и поекономично греење и ладење.
Министерката нагласи дека со овој јавен повик Министерството продолжува со конкретна поддршка за најранливите категории, паралелно инвестирајќи во енергетска ефикасност и подобрување на квалитетот на живот.
Сите детали, критериуми и рокови за аплицирање се објавени на официјалната страница на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.























