
Од последниот квартал на 2026 година, секој патник од земји со безвизен режим, вклучувајќи ја и Македонија, ќе мора претходно да обезбеди одобрение преку системот ETIAS пред краткорочен престој во Шенген-зоната. Од 10 април започнува и целосната примена на EES, систем кој ќе ја евидентира секоја влезно-излезна операција од Унијата.
ETIAS ќе овозможува поднесување на апликации онлајн 24 часа дневно. Системот автоматски ќе ги проверува личните податоци, податоците од биометриски пасош и историјата на патувања, а за првпат ќе се спроведуваат и автоматизирани здравствени проверки за рано откривање на потенцијални епидемиски ризици.
Системот нема да собира детални медицински досиеја, туку ќе работи со индикатори за ризик, споредувајќи ги внесените информации со базите на европските институции. Апликантите ќе треба да дадат податоци за претходни патувања, евентуални проблеми со имиграциски служби и посети на региони со конфликти или здравствени кризи.
Процесот за најголем дел од апликантите е брз и автоматизиран, со одобрение во рок од неколку минути, но во случаи на ризични индикатори, апликацијата може да се проследи на дополнителна проверка. Одобрението преку ETIAS чини 20 евра и важи за повеќе патувања, додека пасошот е валиден, но не гарантира автоматски влез во ЕУ, бидејќи конечната одлука е на граничната полиција.
Паралелно, EES ќе ја замени традиционалната евиденција со дигитална, овозможувајќи прецизно следење на времетраењето на престојот и спречување на злоупотреби во Шенген-зоната.























