УТРО.мк

Коњановски: Битола започнува со изградба на пречистителна станица за отпадни води – клучен еколошки проект

Коњановски: Битола започнува со изградба на пречистителна станица за отпадни води – клучен еколошки проект
Vero

Со официјален состанок и присуство на повеќе институции, во Битола денес беше означен почетокот на изградбата на пречистителната станица за отпадни води – еден од најголемите еколошки проекти во општината досега.

Градоначалникот Тони Коњановски истакна дека ова е стратешки чекор во заштитата на животната средина, кој не само што ќе ги подобри условите за живот, туку и ќе го постави Битола како пример за зелени и одржливи решенија на локално ниво.

„Ова е инвестиција во здрава иднина за нашите граѓани и генерациите што доаѓаат. Преку партнерство со Европската Унија и надлежните институции, ја обезбедуваме чистата вода како основно човеково право,“ рече Коњановски.

На настанот присуствуваа претставници од Министерството за животна средина, Министерството за финансии, компанијата изведувач – конзорциумот Лантаниа-Стентон градба-Карканиас, надзорната фирма Ептиса, КЈП „Нискоградба“, како и претставници од општинската администрација.

Проектот има за цел подобрување на инфраструктурата за собирање и третман на отпадни води, во согласност со европските директиви и националното законодавство. Според планот, изградбата ќе трае две години, со дополнителна една година гарантен период.

Со оваа инвестиција, Битола станува дел од европската агенда за чиста животна средина, што ќе овозможи значително подобрување на квалитетот на водите и зачувување на природните ресурси во регионот.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран