Пожарната состојба во Бугарија станува сè позагрижувачка – во моментов се активни 100 пожари низ целата земја, според најновите податоци на бугарската противпожарна служба објавени за „По света и у нас“. Најсериозно е во Хасковскиот регион, каде што се регистрирани 18 активни огништa. По 7 пожари беснеат во Благоевградско и Старозагорско, а по 6 активни жаришта има во Пловдив и Велико Трново.
Од почетокот на јули до денес, бројот на повици до службата 112 е зголемен за 60.000 споредено со јуни – што јасно ја отсликува влошената ситуација.
Во обид да се засилат капацитетите за справување со катастрофата, денес во Бугарија пристигна четвртиот хеликоптер побаран преку Механизмот за цивилна заштита на Европската унија.
Главниот секретар на МВР, гл. ком. Мирослав Рашков, кој привремено ја извршува функцијата, реагираше на критиките од претседателот Румен Радев, нагласувајќи дека веќе се спроведуваат процедури за набавка на нова опрема за борба со пожари.
„Оперативната состојба е многу комплицирана – дневно имаме меѓу 200 и 300 пожари. Силниот ветер дополнително ги отежнува напорите. Во 90% од случаите, станува збор за човечка грешка, немарност, а понекогаш и за намерни палења“, изјави Рашков.
Тој додаде дека Генералната дирекција за противпожарна заштита располага со доволно техника, но дека се прават напори за модернизација. Рашков нагласи дека во кризни моменти, како овој, меѓународната соработка преку европскиот механизам е клучна, бидејќи ниту една држава нема доволно летала за справување со вакви обемни пожари.