Се приближува крајниот рок за електронско аплицирање за сместување во државните и приватните студентски домови за студентите од втора година и погоре, како и за апсолвентите – последен ден за пријава е 31 јули.
Пријавувањето се врши преку порталот e-uslugi.mon.gov.mk, а секој студент може да конкурира само за еден студентски дом.
Аплицирањето за студентите од прва година ќе се одвива во септември, од 10 до 17 септември, по завршување на уписите на факултетите.
Во учебната 2025/2026 година, Министерството за образование и наука понуди вкупно 4.264 легла во домовите во Скопје, Штип, Битола, Тетово, Охрид и Прилеп. Од нив, 3.413 се резервирани за повисоките години, а 851 за бруцошите. Домовите „Кузман Јосифовски-Питу“ и „Стив Наумов“ се затворени поради реновирање и ќе бидат достапни од вториот семестар.
Најмногу места има во Скопје: „Гоце Делчев“ (1.212), „Пелагонија“ (997) и „Томе Стефановски Сениќ“ (335). Во другите градови капацитетите се распределени вака:
Битола – „Кочо Рацин“ (385), Охрид – „Никола Карев“ (242), Прилеп – „Орде Чопела“ (330), Штип – „Браќа Миладиновци“ (236), ПСД „Хилјадников“ (60), ПСД „Логос“ (52), Тетово – ДСД „Тетово“ (295), ПСД УЈИЕ (120).
Конечниот список за студентите од втора година и погоре ќе биде објавен до 6 септември, а за прва година до 30 септември. Приговори се поднесуваат во рок од 10 дена од објавувањето на резултатите.
Примените студенти мора да се вселат најдоцна 10 дена по објавувањето на конечниот список. Ако останат непополнети места, дополнително пријавување ќе биде можно до 30 ноември.