Потпретседателот на САД, Џеј Ди Ванс, јавно изрази длабока загриженост поради трагичната состојба во Појасот Газа, каде што – според неговите зборови – „деца очигледно умираат од глад“. Тој побара од Израел да преземе поодлучни чекори за да овозможи доставување хуманитарна помош до цивилното население.
„Не знам дали сите ги видовте тие слики. Има навистина, навистина срцепарателни случаи. Има мали деца што умираат од глад. Израел мора да направи повеќе за да дозволи таа помош да стигне до нив“, изјави Ванс.
Тој, сепак, ја нагласи и потребата за елиминација на Хамас, оценувајќи дека токму таа организација претставува пречка за нормализирање на состојбата и еден од факторите што го попречуваат влезот на храна и помош.
Изјавата на Ванс доаѓа откако The New York Times објави сведоштва од двајца високи израелски воени функционери, кои признале дека Израел нема конкретни докази за систематска кражба на хуманитарна помош од страна на Хамас, освен неколку изолирани случаи.
И покрај обидите на меѓународната заедница, хуманитарната криза во Газа продолжува да се продлабочува. Главната причина за гладта, според повеќе меѓународни организации, останува строгата контрола и ограничувањата што ги спроведува Израел на влезот на помош во регионот.
Досега, десетици деца и возрасни во Газа го загубија животот поради сериозната недостиг на храна, вода и медицински средства, додека САД повикуваат на итни мерки за заштита на цивилите и овозможување хуманитарен пристап.