Њујорк, 29 јули 2025 – Вооружен напад во центарот на Менхетен го потресе Њујорк вчера попладне, откако 27-годишниот Шејн Девон Тамура од Лас Вегас влезе со пушка М4 во облакодер и уби четири лица, меѓу кои и полицаец. Напаѓачот подоцна си го одзеде животот, а неговиот мотив засега останува непознат.
Според изјавата на полициската комесарка Џесика Тиш, Тамура го паркирал својот автомобил – БМВ со регистерски таблички од Невада – пред деловната зграда и влегол во лобито вооружен. Таму веднаш отворил оган врз полицаец кој работел како обезбедување, а потоа пукал и кон случајни присутни, вклучувајќи и една жена која се обидела да се засолни. Потоа со лифт се искачил на еден од административните катови, каде продолжил да пука во ходникот, пред да си го одземе животот.
Градоначалникот на Њујорк, Ерик Адамс, изјави дека вкупно шест лица се повредени во нападот, од кои четворица подлегнале на повредите. „Нема зборови за да се опише ова зло. Нашите мисли се со жртвите и нивните семејства“, рече Адамс.
ФБИ се приклучи на истрагата и потврди дека во моментов нема докази за поврзаност меѓу напаѓачот и жртвите, ниту конкретна врска со Њујорк. Во возилото на Тамура биле пронајдени револвер, повеќе шаржери и документи кои потврдуваат дека поседувал дозвола за оружје издадена во Невада. Според властите од Лас Вегас, Тамура имал историја на проблеми со менталното здравје.
Зградата во која се случи нападот е дом на бројни престижни компании, меѓу кои НФЛ, инвестициската група Блекстоун, Руден Риел Естејт и КПМГ САД. Од КПМГ соопштија: „Нашите срца се со жртвите и нивните семејства. Длабоко сме благодарни за храброста на безбедносниот персонал и полицијата.“
Истрагата продолжува, а властите се обидуваат да утврдат зошто напаѓачот патувал преку неколку држави за да стигне до Њујорк и зошто ја избрал токму оваа зграда како цел.