УТРО.мк

Активни пожари низ цела Македонија, пламените јазици се закануваат на десетици села

Активни пожари низ цела Македонија, пламените јазици се закануваат на десетици села
Vero

Девет пожари сѐ уште беснеат низ Македонија, заканувајќи се на села, куќи и шумски предели, предупредува Центарот за управување со кризи (ЦУК). Вкупно 15 пожари се регистрирани до пладнево, од кои шест се ставени под контрола, додека останатите девет се активни и опасни.

Најкритични жаришта се регистрирани во источниот и јужниот дел на државата. Во Малешевските Планини, кај Берово, Василево и Радовиш, гори нискостеблеста шума и смрека. Во Прилеп, пожарот кај селото Бешиште се шири и не може да се гаси поради детонации. Огнот се движи кон селата Градешница и грчката граница.

Голем пожар беснее и меѓу Прилеп и Кавадарци, каде гори мешана шума околу селата Царевиќ, Смолани, Радобил и Трстеник. Во Македонски Брод се активни пожари кај селата Црешево и Локвица, а во Желино – меѓу Церово и Групчин. Крива Паланка и Македонска Каменица пријавуваат горење на борова шума кај селата Нерав и Ќосевица.

Во Чашка, кај селото Ореше, гори букова шума, а во Илинден – меѓу Мршевци и Бучинци – пожар зафати стрништа.

Иако шест пожари се ставени под контрола, ситуацијата останува нестабилна. Под набљудување се пожарите кај Куманово, Грешница, Селце, Јунузлија, Горно Црско и Катланово.

ЦУК апелира граѓаните да бидат крајно внимателни, да не палат оган на отворено и веднаш да пријавуваат пожари. Ветерот и топлото време ги влошуваат условите и го зголемуваат ризикот од нови пожари.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран