Русија повторно ја активира својата реторика за нуклеарна закана, овој пат како одговор на засиленото присуство на НАТО на источниот фронт и најавите од американскиот генерал Кристофер Донахьу дека Алијансата може брзо да неутрализира каква било закана од руската енклава Калининград. Зад овој потег, според анализите, стои нервоза на Кремљ поради губење на единствената вистинска тактичка предност во балтичкиот регион.
На 17 јули беше објавено дека САД и НАТО започнуваат со имплементација на планот „Линија на одвраќање на источниот бок“, насочен кон зајакнување на копнените капацитети и подобрување на одбранбената интероперабилност. Главен фокус е Балтикот, каде што Калининград досега претставуваше силна точка на руското влијание.
Изјавата на генерал Донахьу, дека НАТО може за многу кратко време да одговори на каква било закана од Калининград, предизвика вознемиреност во Москва. Русија со години го претвора овој регион во воено упориште, сметајќи го за стратешки бедем меѓу Литванија и Полска. Но, со новата стратегија на НАТО, таа предност станува несигурна.
Како одговор, Николaj Патрушев, советник на Владимир Путин и поранешен шеф на ФСБ, порача дека секоја воена акција кон Калининград ќе биде возвратена „со сите расположиви средства“, вклучително и нуклеарно оружје, според руската воена доктрина. Оваа ескалација доаѓа во време кога Кремљ се соочува со се поголем притисок на меѓународната сцена, особено поради активностите на други глобални жаришта како Блискиот Исток и Азија, кои ја одвлекуваат вниманието од руската инвазија врз Украина.
Покрај ова, ситуацијата во Русија дополнително се комплицира. Единствениот руски носач на авиони „Адмирал Кузњецов“ се подготвува за повлекување од употреба поради старост и неисплатлива модернизација. Украинските сили, иако без класична морнарица, ѝ нанесоа тешки удари на руската флота во Црното Море со беспилотни пловила, вклучувајќи го и потопувањето на крстосувачот „Москва“.
Сето ова укажува дека вистинската, и единствена реална, воена предност на Русија останува нејзиниот нуклеарен арсенал. Затоа, секоја загуба на тактичка предност, како онаа во Калининград, Кремљ ја компензира со повторни нуклеарни закани.