Американскиот претседател Доналд Трамп, за време на приватната посета во Шкотска, изјави дека токму неговата политика е причината зошто светот избегнал шест големи војни. Говорејќи пред новинарите во неговиот голф-комплекс во Трнбери, Трамп директно ги спомена Украина, Газа, Иран и Кина како клучни жаришта, каде, според него, само неговото влијание спречило глобални конфликти.
„Ако не бев јас, светот сега ќе беше зафатен од шест големи војни“, рече Трамп.
Во Шкотска, каде се сретна со британскиот премиер Киер Стармер, Трамп ја заостри реториката кон рускиот претседател Владимир Путин. Тој му постави ултиматум: „Путин има уште 10 до 12 дена да ја запре војната во Украина, во спротивно ќе се соочи со строги санкции и евентуално секундарни царини“. Ова е остар пресврт во тонот на Трамп кон Москва, откако Кремљ сигнализираше дека не ја исклучува можноста за средба со американскиот претседател во септември во Кина.
Криза во Газа
Трамп се осврна и на хуманитарната катастрофа во Појасот Газа. Тој изјави дека ситуацијата со Хамас станува „сè потешка“ кога станува збор за ослободување на заложниците, и најави дека Вашингтон работи со Израел на „алтернативни планови“.
„Ќе направиме центри за раздавање храна, каде луѓето ќе можат слободно да влезат – без ограничувања. Сега ја гледаат храната на 30 метри оддалеченост, но не можат да ја земат бидејќи има огради. Тоа е лудост“, рече Трамп.
Предупредување за Иран
Американскиот претседател упати и директна закана до Иран, оценувајќи дека Техеран испраќа „многу лоши сигнали“ во врска со својата нуклеарна програма. „Ако пробаат да ја рестартираат, ќе биде смазната веднаш“, порача Трамп.
Трговски разговори со Кина
Во врска со Кина, Трамп изјави дека би сакал да го види кинескиот пазар „појотворен кон остатокот од светот“. Во Стокхолм, американски и кинески претставници почнаа нова рунда преговори за можност за 90-дневна пауза пред евентуално воведување на нови трговски царини. Ова би овозможило и планирање на потенцијална средба меѓу Трамп и кинескиот претседател Си Џинпинг на крајот на октомври или почетокот на ноември.