Раководителот на Главниот штаб за управување со кризи и директор на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, денеска изјави дека најголем дел од пожарите што ја зафатија Македонија се подметнати намерно, со различни – често економски и криминални – мотиви.
„Некој се надева дека ќе може да ја сече изгорената шума. Постојат и патолошки мотиви – пиромани, но тие не би запалиле оган до населено место каде би биле видени, фатени, снимени“, рече Ангелов на прес-конференција. Според него, вчера биле евидентирани дури 51 пожар, а денеска активни се девет, додека шест се ставени под контрола.
Особено критични се пожарите кај Готен, над селото Ќосевица кај Македонска Каменица и во Чашка кај селото Ореше, каде што гори ниска и букова шума. Ангелов истакна дека се прави максимално распоредиување на расположивите ресурси, како на локално, така и на национално ниво, и дека приоритет број еден се човечките животи.
Дополнително, тој информираше дека Словенија и Франција понудиле тимови со по 50 пожарникари и специјализирана опрема, а понудите се разгледуваат. Тој апелираше до граѓаните да останат смирени и внимателни, да пријават секое сомнително однесување и да не палат оган на отворено.
„Паниката е непријател што може да доведе до лоши одлуки. Апелирам граѓаните да ги следат информациите и упатствата од надлежните служби“, порача Ангелов.