Македонија и натаму се соочува со сериозна закана од пожари на отворен простор. Според последните податоци од Центарот за управување со кризи (ЦУК), заклучно со 21 часот на 18 јули, во државата се евидентирани вкупно 30 пожари. Од нив, 19 се целосно изгаснати, седум се ставени под контрола, а четири остануваат активни и бараат дополнителна интервенција.
Активни пожари се бележат во следните региони:
– Василево, кај село Нивичино, каде гори нискостеблеста шума;
– Македонски Брод, кај село Грешница, со зафатена мешана шума и ниска вегетација;
– Прилеп, помеѓу селата Царевиќ и Смолани, со истиот тип на вегетација;
– На границата меѓу Прилеп и Кавадарци, помеѓу селата Никодин, Ракле и Фариш, каде гори ниска вегетација и ретка шума.
Пожарите под контрола се во:
– Велешките села Џидимирци, Крушје и Иванковци,
– Дојран, село Николич,
– Градската депонија во Демир Хисар,
– Македонски Брод (Црешнево, Локвица и Крапа),
– Липково, село Ваксинце,
– Росоман, село Трстеник,
– Индустриската зона во Илинден.
Во меѓувреме, изгаснати се пожари на повеќе локации, вклучително и во Ранковце, Куманово, Липково, Старо Нагоричане, Кратово, Тетово, Свети Николе, Битола, Карбинци, Штип, Делчево, како и на неколку точки во Скопје – Аеродром, Гази Баба и Сарај.
Противпожарните екипи остануваат на терен, работат со зголемен интензитет, а надлежните апелираат до граѓаните строго да ја почитуваат забраната за палење стрништа и друг вид отпад. Ризикот од нови пожари останува висок поради сушното време и високи температури.