Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, јавно се огласи по повод објавите на социјалните мрежи во врска со сообраќаен прекршок кој го сторил неодамна. Тој категорично ги демантира тврдењата дека се поставил над законот и истакна дека веднаш ја платил казната, без никакво одложување.
„Да, направив сообраќаен прекршок. Човек сум и можам да погрешам. Но верувам во ред, одговорност и еднаквост пред законот. Казната ја платив веднаш, без двоумење“, изјави Коњановски.
Тој порача дека секој граѓанин, без разлика на функцијата, треба да биде пример и да се соочи со последиците од своите постапки. Според него, чесноста, праведноста и коректноста се вредности кои мора да останат основа на секое однесување во јавниот живот.
„Не се кријам, не се оправдувам и не барам никаква привилегираност. Во животот никој не е безгрешен, но важно е како ќе постапиме кога ќе згрешиме“, додаде градоначалникот.
Со оваа порака, Коњановски упати апел за лична одговорност и почитување на законите од страна на сите граѓани, независно од позицијата која ја имаат во општеството.
