УТРО.мк

Онколозите од Скопје започнаа со прегледи во Битола и Тетово, се планира и терапија на лице место

Онколозите од Скопје започнаа со прегледи во Битола и Тетово, се планира и терапија на лице место
Vero

Доктори од Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија од Скопје започнаа да спроведуваат консултативни прегледи во одделот за онкологија при Клиничката болница во Битола, а вакви прегледи следната недела ќе се реализираат и во Клиничката болница во Тетово. Целта е пациентите да добијат специјализирана грижа поблиску до местото на живеење, без да патуваат до Скопје.

– Еден колега веќе беше таму, денеска е и една колешка. Планираме и следниот петок да оди уште еден доктор од различна патологија. Во прво време, прегледите се консултативни, но веќе има барање и од Тетово. Докторите таму ќе одат еден или два дена, а пациентите ќе бидат однапред информирани која патологија се покрива – изјави директорот на Клиниката за радиотерапија и онкологија, д-р Игор Стојковски за МИА.

Тој најави дека поради интересот и потребата, се размислува за проширување на моделот и во други градови. Сепак, за да се овозможи аплицирање на онколошка терапија надвор од Скопје, неопходна е соодветна инфраструктура – дневна болница и простории за прегледи.

Дополнително, д-р Стојковски информираше дека во тек е постапка со Фондот за здравствено осигурување за да се овозможи подигање на хронична таблетарна терапија за пациенти со хормонски зависен канцер на дојка во локалните аптеки.

– Со извештај од специјалист онколог, матичниот лекар ќе може да издаде рецепт, и пациентите ќе можат да ја подигнат терапијата во аптека. Работиме и на протоколи за апликација на терапија во новите дисперзирани центри – додаде тој.

Проектот се очекува да го олесни пристапот до онколошка грижа за пациентите надвор од Скопје и да го подобри квалитетот на лекувањето во регионалните болници.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран