Портпаролот на вооруженото крило на Хамас, Абу Обеида, во видео-обраќање испратено до медиумите по четири месеци тишина, изјави дека движењето нема повторно да понуди нов предлог за делумен договор за размена на заложници доколку Израел се повлече од тековните преговори.
„Не ветуваме дека повторно ќе понудиме нацрт-договор и предлог за ослободување на десет затвореници, доколку Израел ги напушти разговорите што сега се водат“, порача Обеида во снимката, во која директно го обвини израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за одбивање на сѐопфатната понуда за размена на сите заложници, која Хамас ја доставил во последните недели.
Од израелска страна, висок функционер за Тајмс оф Израел изјави дека токму Хамас го одолговлекува процесот на преговори, што моментално се одвиваат во Доха.
„Израел е подготвен да ги доведе преговорите со Хамас до крај, но постојаното одбивање и одолговлекување будат сомнежи во нивната сериозност,“ рече официјалниот претставник, додавајќи дека Хамас верува оти времето игра во нивна корист.
Сепак, според него, тековните воени операции на Израелската одбранбена сила (ИДФ) во Газа ја потврдуваат спротивното – дека токму Израел го користи времето за да создаде теренски предности и притисок врз палестинската страна.
Преговорите за прекин на огнот и размена на заложници продолжуваат во услови на висока напнатост и меѓусебни обвинувања, додека хуманитарната состојба во Појасот Газа и натаму се влошува.