Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, изјави дека годинава државата покажала дека може значително подобро и поорганизирано да се справи со пожарите. Според него, досега се лишени од слобода 20 лица во врска со подметнување пожари – дел се наоѓаат во куќен или ефективен притвор, а дел се пуштени на слобода поради малолетство.
Тошковски потенцираше дека Министерството располага со директни докази дека дел од пожарите биле намерно подметнати, а за некои од нив постојат сериозни индиции дека стои организирана структура.
„Оние кои што беа пиромани и индивидуално палеа – добар дел од нив се откриени. Но, првиот ден кога избувнаа голем број пожари околу Скопје, особено близу витални државни објекти, имаме основани сомнежи дека станува збор за организирана група. Ќе видиме понатаму која била целта,“ изјави Тошковски.
Министерот нагласи дека навремената реакција на Владата, вклучително и забраната за движење во шуми, веќе дава резултати, и покрај тоа што ова лето е едно од најекстремните според сувоста на вегетацијата.
„Одговорот што го имаме годинава е далеку поразличен од претходно. Видливо е на терен – и по бројот на сили, и по механизацијата, и по ефикасноста на институциите. Целта е да покажеме дека државата функционира и дека институциите работат професионално и навремено,“ додаде Тошковски.
На крајот, тој порача дека суштински европските вредности треба да се манифестираат преку делата на институциите, а не само преку политичка реторика, и дека граѓаните тоа ќе го почувствуваат преку подобар и посигурен живот во Македонија.