Кичево доби ново спортско срце – современ мултифункционален комплекс, свечено отворен денес од министерот за спорт Борко Ристовски, во присуство на пратеникот Ѓорѓија Сајкоски и заменик-министерот за јавна администрација Лазе Јакимоски.

На местото каде што со години беа запоставени и нефункционални терени, сега блеска модерен спортски центар изграден со инвестиција од 6.960.000 денари, обезбедени од Министерството за спорт.

Новиот комплекс нуди богата понуда:
терен за фудбал и ракомет со ПП подлога и трибина од 30 метри, одбојкарско и кошаркарско игралиште, фитнес зона на отворено.
„Ова не е само простор за тренинг – ова е место за дружење, забава, здрава енергија и заедништво“, изјави министерот Ристовски. Тој порача до кичевчани да го користат комплексот со срце и да го чуваат со љубов, бидејќи, како што рече, овој проект не е само државна инвестиција – туку сопственост на целата заедница.

Министерството за спорт продолжува со исполнување на својата стратегија за рамномерен развој на спортската инфраструктура низ целата држава, со фокус на достапноста и инклузивноста.
„Ова е само еден од многуте чекори кон нашата визија – спорт достапен за сите“, подвлече Ристовски.
Кичево денес доби повеќе од спортски комплекс – доби симбол на обнова, надеж и заедништво.