Во трансформаторската станица Дуброво денес беше успешно испорачан нов трансформатор со напон 400/110 kV, како дел од стратешките инвестиции на АД МЕПСО за модернизација и јакнење на електроенергетската инфраструктура на државата.
Овој капитален проект претставува клучен чекор кон стабилизирање и унапредување на преносниот систем, со што се обезбедува посигурно и поефикасно снабдување со електрична енергија за домаќинствата и стопанството во регионот. Инсталацијата и интеграцијата на трансформаторот во системот ќе започне во наредните денови, а неговото пуштање во употреба се очекува наскоро.
ТС Дуброво претставува една од најважните енергетски јазли во македонскиот електроенергетски систем, а новиот трансформатор ќе овозможи непречено и сигурно функционирање на мрежата во наредните 30 до 40 години. Дополнително, инвестицијата создава технички предуслови за подобра интеграција на обновливите извори на енергија.
Трансформаторот е произведен од реномираната турска компанија Astor, според највисоките технички и безбедносни стандарди.
Со овој трансформатор, заедно со новиот трансформатор во ТС Битола 2, МЕПСО успешно заокружува два клучни проекти за стабилизирање на системот на 400 kV и 110 kV. Овие инвестиции директно придонесуваат за намалување на ризиците од прекини и дефекти, зголемување на сигурноста во системот и обезбедување континуирано снабдување со електрична енергија.
АД МЕПСО продолжува со својата мисија за развој на модерна, доверлива и ефикасна енергетска инфраструктура, која ќе биде основа за квалитетно снабдување со енергија и стабилен економски раст.