Со концерт на легендарната група „Леб и сол“ вечерва на локалитетот Хераклеја Линкестис започнува 17. издание на Битолското културно лето „БИТ ФЕСТ“. Настанот претставува почеток на нивната турнеја по повод 50 години музичка кариера, а публиката ќе ужива во концерт под отворено небо, со влезници по цена од 400 денари, достапни кај Офицерскиот дом и на самиот локалитет до почетокот на настанот.
Годинешното издание на фестивалот ќе трае до 31 август, со богата програма исполнета со музика, театар, литература, визуелни уметности и мултимедијални проекти. Настаните се организирани со поддршка од Општина Битола и Министерството за култура и туризам.
Пред официјалниот старт, публиката веќе уживаше во повеќе преднастани, како Празникот на музиката „Солстис“, Младинскиот арт фестивал „Битола отворен град“, како и Саемот на книга „Критична маса“, кој се одржува пред Офицерскиот дом и ќе трае до 28 јуни.
Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, истакна дека Битола со БИТ ФЕСТ продолжува да биде препознатлива како културен центар со богата летна понуда, што го прави градот жива сцена на уметноста и креативноста.