УТРО.мк

„РУСКИ АГЕНТ“ ПЛАНИРАЛ ПУЧ ВО СРБИЈА? Приведен Новица Антиќ, поранешен лидер на Воениот синдикат

„РУСКИ АГЕНТ“ ПЛАНИРАЛ ПУЧ ВО СРБИЈА? Приведен Новица Антиќ, поранешен лидер на Воениот синдикат
Vero

Поранешниот претседател на Воениот синдикат на Србија, Новица Антиќ, утрово е приведен по синоќешниот претрес на неговиот дом, потврди неговиот адвокат за белградските медиуми. Антиќ, кој според западни извештаи бил „агент на влијание“ на руската ФСБ, започнал штрајк со глад во притвор.

Претресот на неговата куќа е спроведен со одобрение од Вишиот суд во Крагуевац, а обвиненијата се тешки – повикување на насилна промена на Уставот и подготовка на акт против уставниот поредок и безбедноста на државата.

Случајот доаѓа во сенка на апсењето на шест лица, кои според Министерството за внатрешни работи на Србија, наводно планирале државен удар. Тие се сретнале во хотел во Краљево на 21 јуни за да испланираат насилни напади врз државни институции, полицијата и медиуми, меѓу кои и Радио Телевизија Србија, „Хепи“ и „Информер“. Според полицијата, осомничените дури најавиле и употреба на огнено оружје.

Антиќ веќе еднаш беше во притвор во 2024 година, под сомнение за проневера, по што беше сменет од раководството на синдикатот. Во повеќе наврати тврдеше дека е мета на притисоци од Агенцијата за воена безбедност и од врвот на српската војска.

Според истражување на порталот Политико од март 2024 година, Антиќ бил наведен како активен руски агент. Бриселскиот медиум се повика на таен документ на западни разузнавачки служби, според кои тој бил инструмент на ФСБ за влијание во српските безбедносни структури.

Паралелно со апсењето на Антиќ, вчера бил приведен и 20-годишниот студент Стефан Томиќ, под сомнение за повик на насилна промена на уставниот поредок. Неговото апсење предизвика осуда од студентските блокади во Белград, кои го нарекоа овој потег обид за заплашување пред големиот протест на 28 јуни, Видовден.

ELS
Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран