УТРО.мк

Трамп најави можност за укинување на нафтените санкции за Иран

Трамп најави можност за укинување на нафтените санкции за Иран
Vero

Американскиот претседател Доналд Трамп, за време на своето обраќање на самитот на НАТО во Хаг, најави дека Вашингтон би можел да ги укине санкциите за извоз на нафта од Иран, со цел да се овозможи економско закрепнување на земјата по неодамнешниот конфликт со Израел.

„Ќе им требаат средства за да ја обноват државата. Сакаме тоа да се случи“, изјави Трамп, нагласувајќи дека нафтените приходи се клучни за иранската економија. Потенцијалното олеснување на санкциите доаѓа по завршувањето на дванаесетдневната иранско-израелска војна и е дел од пошироките дипломатски напори за стабилизација на регионот.

Иронично, токму администрацијата на Трамп во 2018 година ги воведе некои од најстрогите санкции врз Иран, вклучувајќи и т.н. секундарни санкции, кои опфаќаа не само ирански субјекти, туку и странски компании и држави што продолжуваа да увезуваат иранска нафта. Тоа ја принуди Исламската Република да бара алтернативни канали за извоз, често преку посредници и анонимни танкери за да избегне меѓународен надзор.

Во услови на изолација, Кина стана главен неформален купувач на иранска нафта, иако трговијата се одвиваше надвор од официјалните канали и меѓународните финансиски институции.

Најавата на Трамп претставува пресврт во досегашната политика на САД и сигнал за можни нови преговори со Техеран, особено во контекст на стабилизација на Блискиот Исток и намалување на тензиите околу иранската нуклеарна програма.

ELS
Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран