По пет години пауза, повторно воспоставена најдолгата директна железничка линија во светот: Воз од Пјонгјанг пристигна во Москва
Патнички воз кој тргнал од главниот град на Северна Кореја, Пјонгјанг, официјално пристигна во Москва, означувајќи го повторното отворање на најдолгата директна железничка линија на светот – по петгодишен прекин предизвикан од пандемијата на ковид-19.
Според руската новинска агенција РИА Новости, возот тргнал на 17 јуни и му биле потребни осум дена за да пристигне на Јарославската железничка станица во руската престолнина. Железничката врска помеѓу двата главни градови, долга над 10.000 километри, беше во мирување од февруари 2020 година.
Сега, сообраќајот по оваа рута е повторно воспоставен и ќе се одвива двапати месечно, а билетите ќе бидат достапни за купување приближно 60 дена пред датумот на поаѓање, соопштија надлежните служби.
Оваа линија, освен што е логистички подвиг, има и симболично значење – особено во контекст на продлабочување на билатералните односи меѓу Русија и Северна Кореја.