Коалицијата ВЛЕН оцени дека одлуката на Уставниот суд претставува голема победа за албанската дијаспора и потврда за, како што велат, манипулативниот и дискриминаторски однос на поранешната влада предводена од СДСМ и ДУИ кон иселените граѓани.
Во реакцијата од ВЛЕН се наведува дека пописот бил спроведен со цел да се минимизира политичката и општествена тежина на Албанците, преку воведување на категории „резиденти“ и „нерезиденти“, со што дијаспората била третирана како граѓани од втор ред.
„Ова беше политички мотивиран акт на дискриминација, во режија на ДУИ, со цел да се избрише придонесот и влијанието на албанската дијаспора. Таквиот пристап е навредлив и штетен“, стои во соопштението.
Од ВЛЕН порачаа дека иако штетата е веќе направена, тие се обврзуваат да ги коригираат сите неправди што ги наследиле од претходната власт и да обезбедат целосно учество на дијаспората во институциите и одлучувањето.
„Судот ја потврди вистината. Државата нема право да се однесува со ароганција кон своите граѓани. Дијаспората мора да биде вклучена и вреднувана. Ова е победа на правото над политичката калкулација“, порача ВЛЕН.